Русија обвинува, Србија суспендира извоз

Српското Министерство за одбрана објави дека, по налог на претседателот Александар Вучиќ, се суспендира извозот на оружје и воена опрема произведени во Србија. Одлуката доаѓа откако руската Служба за надворешно разузнавање (СВР) го обвини Белград дека индиректно преку трети земји извезува муниција што завршува во Украина.

Во соопштението на СВР се вели дека „две српски компании продале ракети и минофрлачки гранати преку посредници во Чешка и Бугарија“, и оти тие компоненти подоцна завршиле на украинскиот фронт. Според Русија, српските производители биле свесни дека нивните производи ќе бидат користени против руската армија.

  • „Муницијата за тешки системи со долг дострел се испраќа до земји од НАТО, со цел користење во интерес на Украина“, соопшти СВР.

Вучиќ: „Не продаваме оружје, туку муниција“

По состанокот со военото раководство, претседателот Вучиќ потврди дека Србија ја стопира целата продажба на воена муниција. Тој не ја поврза директно одлуката со руските обвинувања, но повторно ја истакна економската димензија на воената индустрија.

  • „Ние не продаваме оружје и алатки, туку муниција. 24.000 луѓе се вработени во оваа индустрија, што значи 150.000 семејства зависат од тоа. Нема да ги оставам без леб“, порача Вучиќ.

Министерството за одбрана потоа официјално соопшти дека „во иднина, секој извоз на воена опрема ќе мора да добие согласност и од Советот за национална безбедност“, според Законот за извоз и увоз на оружје и воена опрема.

Захарова бара јасен одговор

Од Москва, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, побара појаснување од српските власти.

  • „Слушам многу контрадикторни изјави од официјални претставници во Србија. Сакам јасен одговор – дали се случиле тие испораки или не“, напиша Захарова на Телеграм.

Според неа српската влада мора јасно да соопшти „колку се веродостојни информациите за продажба на муниција што завршува во Украина“.

Србија меѓу Москва и Брисел

Србија веќе подолго време води надворешна политика на балансирање меѓу ЕУ и Русија. Иако официјално ја осуди руската инвазија врз Украина и го поддржува територијалниот интегритет на Украина, Белград сè уште не се придружил на западните санкции против Кремљ.

Србија ја задржува позицијата: Вучиќ нема да воведе санкции кон Русија

Од друга страна, енергетската зависност од рускиот гас ја става Србија во незгодна позиција, особено во контекстот на сè потешките притисоци од двете страни.

Извор: Независен