Марш или протест ? Потреба или барања ? Критика или предлози ? Како и да ги поставиме прашањата. Дали ќе си ги поделиме или не ! Одговорите ги знаеме сите почитувани колеги. Затоа би започнал со онаа учебникарската „Надлежни за ништо, задолжени за се“. Не молчевме ниту кога пишаниот збор и слободното новинарство проникнуваше во нашата млада република. Гласно зборувавме и кога не замолчуваа, тепаа, затвораа и бркаа од нашите работни места. Со намера да створат страв, создадоа монструм. Тој монструм сме ние денеска. Сплотени, здружени, обединети под знамете на трудбеникот и етичкиот професионалец. Се одзиваме и под називот медиумски работници. Од првиот кадар, преку острото пери, па до копчето за реализација. Поединецот кои стои зад вистината, слободната мисла и јавниот интерес како најсвето општествено достигнување на човекот, изјави Претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Па, оттука, вели Беловски, да бидеме јасни и да укажаме дека „една од причините поради која излеговме на овој марш е да дадеме поддршка, или поинаку кажано да ја кренеме свеста за тоа во каква состојба се наоѓаат новинарите и медиумските работници од локалните медиуми“.

 

 

– Како ни трули срцевината на нашата професија. Тие работат во навистина тешки услови, со се помалку кадар, со ниски плати, и нивната социо-економска состојба е незавидна. Затоа и се повеќе се чувствува недостатокот на локални теми, на известувања од локалните заедници што претставува сериозен недостаток во една демократија. Сметаме дека е повеќе од итно да се донесат решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешоста. Решенија кои ќе бидат системски, законски, а не парцијални. Решенија со кои работодавците ќе добијат квалитет, а нашите колеги сигурност. Бараме услови, а не милостина.

Главната девиза на ССНМ е дека без социо-економска сигурност, без почитување на работничките права во медиумите не е можно објективно и професионално новинарство кое го штити јавниот интерес, што е од голема важност за развој на демократијата. За жал, сведоци сме дека работничките права, дури и оние најосновните во значителен дел од медиумите не се почитуваат. Не се препознаваат, се прескокнуваат. За тоа секако одговорност имаат и надлежните институции. Мораме заедно и сплотени како што сме и на овој марш да продолжиме да ги бараме и да се бориме за она што ни следува според законот за работни односи, а истовремено ги охрабруваме и сопствениците на медиумите да не се плашат од синдикатот, да не се плашат од организирање на работниците, и укажуваме дека овие состојби може да се подобрат пред се со потпишување на колективни договори со што далеку попрецизно ќе се утврдат условите за работа, како и обврските и задолженијата на двете страни. За да успееме да потпишеме колективни договори со кои еднаш за секогаш ќе кажеме стоп на анархијата потребен ни е дијалог. Дијалог со сите, и победа за сите.

За крај, почитувана влада, безбедна, осигурана, заштитена со закон и на наша завидливост. Чујте ме добро…. Сведоци сме на една атмосфера во јавниот дискурс во која новинарите и медиумските работници се се повеќе шиканирани, напаѓани, навредувани. Тој наратив потекнува од повеќе извори, но за жал забележуваме дека и високи политички функционери си дозволуваат да навредуваат и омаловажуваат. Сметаме дека оваа ситуација мора да сопре. Нападите врз новинарите и медиумските работници се напад врз јавноста, односно врз правото на граѓаните да бидат информирани. Го поздравуваме донесувањето на измените на Кривичниот закон со кои се предвидува нападот врз новинарите и медиумските работници да се третира како напад врз службено лице, но предупредуваме дека соодветна и доследна примена на овој закон е она што нас не интересира и она што на крајот ќе се мери.

Почитувани колеги да не ги заборавиме и нашите слушатели, гледачи, читатели, нашите сонародници, нашите коректори. Еве не овде, сплотени, здружени со сите цели. Сето ова што го бараме и за вас. Колку ние работиме во подобри услови толку вие добивате поквалитетна содржина, нашето општество се подбрува. Оваа порака е за вас. Слушајте не нас, а не оние кои не напаѓаат. Останете наша поддршка, наш вечен укор и вечен партнер – нагласи Беловски.