Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема, се откажа од жалбата во случајот со уцена на фудбалерот Матје Валбуена со видео од интимна природа.
Судењето требаше да се одржи на крајот на мај, но Бензема се откажа од жалбата за казната една година условно, како и парична казна од 75.000 евра, со што пресудата останува во сила.
Според обвинението, истрагата го сомничеше Бензема дека во 2015 година дејствувал како посредник, поттикнувајќи го Валбуена да им плати на уценувачи за да не објават видео од него со интимна содржина.
Поради ситуацијата со уцена, двајцата фудбалери не беа вклучени во францускиот состав за Евро 2016 година. Бензема не беше повикуван во националниот тим до 2021 година, поради што тој ја пропушти титулата на „триколорите“ на Светското првенство 2018 година.