Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок го обвини рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека одбил да учествува во разговорите, откако порано од предиденото го напушти состанокот на министрите за надворешни работи на Г-20 на Бали, јави ДПА.

-Фактот што шефот на руската дипломатија помина голем дел од преговорите овде не во салата, туку надвор од неа, кажува дека во моментов нема ни најмала желба да се разговара од страна на руската влада, рече Бербок.

Таа нагласи дека Лавров не присуствувал на разговорите на кои требаше да се разгледа како да се решат глобалните проблеми со снабдувањето со храна влошени со руската инвазија врз Украина.

Мнозинството од учесниците на состанокот ја осудија „агресивната и брутална војна на Русија“, додаде шефицата на германската дипломатија.