Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.

На состанокот е заеднички нагласено долгогодишното искрено и силно македонско-германско пријателство и партнерство, во 30-те години од воспоставувањето дипломатски односи, што се навршуваат оваа година.

Пренесена е јасна и конкретна порака дека Германија стои до Северна Македонија за следниот исчекор на нашата држава во европските интеграции. При тоа е изразено очекување дека ова стратешко прашање за државата и за регионот ќе биде во преден план на сите политички субјекти во земјава.

Нагласено е дека е од суштинска важност за севкупниот геополитички контекст, целиот регион да продолжи да се движи на патеката на евроинтеграциите. И во таа насока е поздравена улогата на премиерот Ковачевски и на Република Северна Македонија, како фактор на дијалогот и стабилноста во Западен Балкан.

„Направивме историски исчекор и ги започнавме преговорите за пристапување во ЕУ, во јули 2022 година, што означи почеток на квалитативно нова фаза во односите со Европската Унија, по 17 години од стекнувањето кандидатски статус и по бројните предизвици на патот кон полноправно членство во ЕУ, со активната поддршка на Германија, којашто особено беше клучна за време на германското претседателство со ЕУ во 2020 година. Денес таа поддршка повторно ја имаме и е од големо значење затоа што Германија ужива голема репутација и длабока почит меѓу нашите граѓани“, рече Ковачевски.

Тој посочи и на значењето на соработката со Германија на економски план, со оглед дека Германија е прв трговски партнер на Северна Македонија во последните години, петти странски директен инвеститор во земјава, во којашто работат околу 200 германски компании, дека 45 проценти од вкупниот македонски извоз оди во Германија, како и дека големата македонска дијаспора во Германија е уште еден цврст мост во меѓусебната соработка.

На состанокот е поздравена и 100-процентната усогласеност на надворешната политика на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.