Пораката од Германија е дека уставните измени мора што поскоро да се донесат во македонското Собрание, со цел да се отворат преговарачките кластери, по што земјата конечно ќе може да стане членка на ЕУ.

„Го имате мојот збор, ЕУ нема да ве остави на цедило“, порача денеска шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок при посетата на Скопје, испраќајки силни пораки за поддршка на македонските евроинтеграции.

Таа вели дека уставните измени мора што поскоро да се донесат во македонското Собрание, со цел во декември да се отворат преговарачките кластери, со што земјата конечно ќе може да стане членка на ЕУ.

„Европската Унија вети и ќе остане на зборот – чекорот што сега треба да се направи е да се спроведат уставните измени“, порача Бербок на прес-конференција со шефот на македонската диппломатија, Бујар Османи.

Нудејќи ја германската поддршка, но и поддршката на ЕУ за што побрз напредок на земјата во евроинтеграциите, таа вели дека е свесна оти процесот на менување на Уставот не е воопшто лесна работа и дека за него е потребен општествен консензус.

„Ќе дојдам во декември повторно, бидејќи треба да се разговара со сите демократски фактори во земјата. Знаеме колку е тешко кога се прават уставните измени, за секој глас треба да се борите. Така е и во Германија со цел да не може толку едноставно да се смени Уставот. Затоа мора да се седне на заедничка маса со опозицијата – тоа е силата на демократијата“, вели Бербок.