Инвестициите ќе имаат клучна улога во наредниот период за постигнување на економскиот раст. Енергетската криза покажа дека за нејзино надминување значајни се инвестиците во енергетскиот сектор и обезбедувањето на производство од домашните капацитети, било констатирано на средбата што министерот за финансии Фатмир Бесими ја имаше со потпретседателот на Европската банка за обнова и развој за политика и партнерство Марк Боуман.

На средбата, на која присуствувале и генералниот директор на финансиски институции на ЕБОР, Франсис Малиж и директорот на ЕБОР надлежен за РС Македонија, Анди Аранитаси, било истакнато дека ЕБОР и дава континуирана поддршка на земјава во реализацијата на тековните проекти и дека таа поддршка ќе продолжи и во иднина особено за проекти од областа на зелената енергија и патната и железничката инфраструктура.

Министерот Бесими, како што соопшти Министерството за финансии, ја истакнал активната поддршка на ЕБОР во унапредувањето на подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти и изразил уверување дека соработката ќе продолжи и во иднина.

– Во услови на енергетска криза, важно е обезбедување на енергенси од сопствени извори, односно проширување на капацитетите за производство на електрична енергија, а за таа цел добредојдена е поддршката од меѓународни институции, особено од ЕБОР. Пакетот мерки на Владата за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите изнесува 400 милиони евра. За да се ублажи растот на цените на електричната и топлинската енергија, од Буџетот финансирани се 10,6 милијарди денари поддршка кон ЕСМ. За задржување на ликвидноста на компанијата ЕБОР понуди финансиска поддршка за ЕСМ во износ од 100 милиони евра, која е во постапка на обезбедување. Со финансиска поддршка од ЕБОР во делот на енергетската инфраструктура, се изведуваат проекти за 10 мегаватна соларна фотоволтаични плантажа изградена на окното на стариот рудник со јаглен во Осломеј, 30 мегаватни соларни фотоволтаици во Битола, како и нова потстаница за електрична енергија во Охрид, се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

На средбата е посочено дека природниот гас е клучен за економскиот развој на земјава и дека е потребна поддршка за затворање на финансиската конструкција за прекуграничната гасна интерконекција со Грција за која веќе се обезбедени 25 милиони евра од ЕИБ и 12 милиони евра грант од ВБИФ (Western Balkas Investment Framework – WBIF). Инвестицијата се проценува на 53 милиони евра. Со ЕБОР се работи и на изградбата на гасоводот од Свети Николе-Велес и Гостивар-Кичево.

Со поддршка на ЕБОР ќе се рехабилтира и источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, односно последната делница од Крива Паланка со бугарска граница. За реализација на овој стратешки проект наменети се 152,45 милиони евра од грантот од ВБИФ и 60 милиони евра од ИПА. Остатокот до 400 милиони евра ќе биде обезбеден со заеми од ЕБОР и ЕИБ.

Во рамки на Коридорот 8 е истакнато и значењето на проектот за изградба на железничката пруга Кичево-граница со Албанија, за што се бараат финансиски средства, а, како што нагласуваат од Министерството за финансии, значајна е поддршката на ЕБОР и во изградбата на автопатот Скопје-Блаце за кој се очекува формалното одобрување од страна на ЕБОР во јуни годинава.

– Министерството за финансии и Владата имаат амбициозна цел да го поддржат закрепнувањето на економијата и забрзување на растот. Заложбите се насочени кон постигнување стапки на раст над пет проценти. Планот за забрзување на растот во таа насока нуди координирана поддршка за поттикнување на инвестициите на јавниот и приватниот сектор во утврдените приоритетни области, како и извори на финансирање, се наведува во соопштението.

ЕБОР е главен институционален инвеститор во земјава во изминативе 30 години и има инвестирано над 2.2 милијарди евра во 159 проекти.