Заздравувањето на македонската економија е видливо, на што укажуваат и најновите нагорни проекции на ММФ и Светска банка за економскиот раст годинава од четири отсто и 4,6 проценти. Среднорочната фискална консолидација, поддржана преку Планот за фискална одржливост и поддршка на растот, Стратегијата за реформа на даночниот систем, како и Планот за финансирање на растот, се добра основа за зачувување на фискалната одржливост. Воедно, пост-пандемиското заздравување нуди можност за забрзување на транзицијата кон зелена и дигитална економија.
Ова беа само дел од заклучоците од средбите на министерот за финансии, Фатмир Бесими со извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, директорот на Европскиот оддел во ММФ, Алфред Камер, шефицата на мисијата на ММФ за нашата земја, Берглјот Бјорнсон Баркбу, резидентната претставничка на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска и други официјални претставници, одржани во рамки на Есенските средби на ММФ и Светска банка.
На состанокот беа дискутирани и поздравени преземените мерки на Владата за справување со пандемијата, со кои се овозможува побрзо заздравување на економијата.
Министерот за финансии истакна дека повеќе високофреквентни индикатори упатуваат на економско заздравување. Во вториот квартал од 2021 година, реалниот БДП забележа раст од 13,1 отсто на годишна основа и со тоа земјата практично излезе од рецесијата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Извозот на добра и услуги се зголеми за 45 проценти на реална основа, a стапката на невработеност продолжи да се намалува и достигна ниво од 15,9 отсто.
Министерот за финансии потенцира дека проекцијата на Владата и на Министерството за финансии е годинава растот на БДП да биде 4,1 отсто, но позитивните движења во вториот квартал и случувањата и макроекономските политики во третиот и четвртиот квартал може да придонесат годинава да ја завршиме со повисок раст на БДП од проектираниот.
– Северна Македонија се фокусира на подобро искористување на традиционалните и воведување иновативни финансиски инструменти за поддршка на инвестициските проекти на приватниот и јавниот сектор, преку мобилизирање буџетски средства, средства од официјалните кредитори, како и средства од развојните партнери. Државата ќе издава развојни обврзници, зелени обврзници и проектни обврзници – тие ќе им бидат достапни не само на големите инвеститори, туку и на граѓаните, кои ќе имаат можност да ги вложуваат своите заштеди во сигурни инвестиции, со позитивно мултипликативно влијание во повеќе приоритетни области на економијата, рече Бесими.
Воедно, како што потенцира, ќе се создаваат услови за зголемување на продуктивноста, а со спроведување на дигиталната и зелената агенда, економијата ќе биде поконкурентна, инклузивна и одржлива.
– Фискалната консолидација истовремено ќе обезбеди непречено финансирање одржлив и инклузивен раст, при што истото ќе се спроведе преку подобро управување со инвестициските проекти на јавниот и приватниот сектор и поддршка од приватниот сектор, истакна министерот.
Притоа, беше посочено дека и понатаму внимателно ќе се следат макроекономските и секторските трендови, дека Владата е свесна за предизвиците и дека ќе продолжи да обезбедува поддршка за погодените граѓани и компании, истовремено внимавајќи на фискалната консолидација на среден рок.
На Есенските средби, претставниците на ММФ истакнаа дека владите треба да имаат јасна и кредибилна среднорочна фискална политика, којашто ќе обезбеди фискална одржливост. Мерките за поддршка на стопанството, онаму каде што е потребно, не треба да се повлечат предвреме, а онаму каде што е возможно, треба да бидат што потаргетирани и временски ограничени.
Фискалната консолидација, обновата на фискалните резерви (баферите), мерките за поддршка на стопанството, како и дигитализацијата и зелената агенда беа едни од клучните поенти образложени и од вицепремиерот и министер за финансии на Белгија, Винсент Ван Петегхем, во име на 16 држави меѓу коишто е и нашата држава, во неговото обраќање на 44-тиот Монетарен и финансиски комитет, одржан во рамки на Есенските средби.
Петегхем истакна дека фокусот на фискалната политика треба постепено да се префрли кон обнова на фискалните резерви (баферите), особено во земјите каде што нивото на јавниот долг е зголемено, со што ќе се овозможи отпорност на следни можни кризи, како и на предизвиците од дигиталната трансформација и транзиција кон зелена економија.
– Во земјите каде што економската активност е сè уште во голема мера ограничена од пандемијата и каде што постои фискален простор, мерките за поддршка на стопанството не треба да се повлекуваат предвреме, со цел да се минимизираат „лузните“ од таквиот чекор. Воедно, владите треба да изготват и да комуницираат јасна среднорочна фискална политика, којашто ќе ја зајакне довербата и ќе создаде дополнителен буџетски простор, но истовремено ќе овозможи фискална одржливост, рече Бесими и додаде дека ранливите и фискално ограничени економии може да бараат дополнителна мултилатерална финансиска помош.
На средбите беше поздравена одлуката на Бордот на гувернери на ММФ за распределување на специјалните права на влечење на земјите членки на ММФ во еквивалентен износ од 650 милијарди долари, при што на земјава ѝ беа доделени 134,47 милиони специјални права на влечење (еквивалентно на околу 191 милион американски долари за буџетска поддршка). Законот којшто ќе овозможи повлекување на средствата е одобрен од Владата и во моментов е во собраниска процедура.