– Позитивните движења во економијата започнаа во вториот квартал од оваа година со регистриран раст на БДП од 13,1 отсто. Тие позитивни движења се очекува да продолжат до крајот на годината. Проекцијата на Владата и на Министерството за финансии е годинава растот на БДП да биде 4,1 отсто, но позитивните движења во вториот квартал и очекувањата во третиот и четвртиот квартал може да придонесат годината да ја завршиме со раст на БДП повисок од проектираниот. Позитивни движења се регистрираат во повеќе сектори, како услужен сектор, земјоделство итн, вели Бесими.
Посочува дека во првите седум месеци има раст на извозот од 34,6 отсто, а раст од 75 проценти е забележан и кај инвестициите за првите шест месеци во однос на лани. Невработеноста е на историски најниско ниво од 15,9 проценти, стапката на вработеност е во пораст и изнесува 47,3 проценти, а од август е забележан и тренд на исклучително високи износи на капитални расходи и нивната реализација заклучно со 5 октомври е 45,13 проценти.
– Воедно, и реализацијата на Буџетот покажува одлична наплата на даночните приходи, кои заклучно со 30 септември имаат пораст од 20,7 проценти во однос на периодот 1 јануари – 30 септември 2020 година. Раст е забележан во овој период и кај придонесите за 6,2 проценти. Ова покажува дека економијата заздравува, а со мерките што ги планираме како Планот за финансирање на економското заздравување и забрзување на растот на среден рок ќе достигнеме просечни стапки на раст над пет проценти, нагласува Бесими во изјавата за МИА.
Светска банка ја зголеми прогнозата за раст на БДП на РСМ во 2021 година од 3,6 отсто на 4,6 отсто.