Српските државјани кои сакаат да одат во Охрид преку автопатот Скопје-Гостивар, или во Дојран преку автопатот Скопје-Штип, нема да можат да го користат подарокот од македонската влада.
Владата ќе додели 200.000 електоронски картички, чија изработка чини 100 денари, а на кои ќе има по 760 денари, вредноста на патарините по автопатот „Пријателство“. Ова ќе ја чини државата 2,8 милиони евра. Картичките ќе се делат на „Табановце“ и ќе може да се искористат во периодот од 15 јуни до 15 август.
-760 денари чинат патарините од граничниот премин „Табановце“ до „Богородица“ и толку средства ќе има на секоја од картичките. Сто денари чини изработката значи 860 денари за едно возило. Пресметките за бројката од 200 000 картички се направени преку анализи на поминати возила во претходните години. Споредбата е направена со 2019 во која имаше рекорден приход од наплата на патарина и транзитираа рекордни бројки на туристи , изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
По искористување на сумата на картичката, Србите ќе можат самите да ја надополнуваат за идни патувања низ земјава. За изработката на картичките е задолжено ЈП за државни патишта.
Премиерот Зоран Заев претходно рече дека бесплатните патарини се во знак на благодарност за вакцините кои ги донираше Србија. Земјава од Белград доби 48.000 вакцини, а над 15.000 македонски граѓани се вакцинираа во Србија.