Според резултатите од мониторингот, на секој трет трендер е доставена една или ниту една понуда, а најниската цена е користена во 96 проценти од случаите како критериум за избор на најповолна понуда со што е задржан неповолниот тренд од претходната година.

– Оправдан е сомнежот дека со толку големата примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност и ефикасност на јавните средства, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Електронската аукција е користена во 92 проценти од тендрите со што, според Центарот за граѓански комуникации, се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки.

Симптоматично е и тоа што некои понудувачи доставувале понуди блиску до проценетата вредност, иако проценетата вредност на тендерите не се објавува јавно.

Забележано е и непочитување на Законот за јавни набавки кај локалните тендери, особено во делот на образложението на потребата од набавката и на причините за неделивост.

Констатација од спроведениот мониторинг е и тоа дека институциите не се консултираат со бизнис секторот во насока на подобрување на тендерските документации, односно во мониторираниот период спроведен е технички дијалог само за 1,4 проценти од тендерите.

Мониторингот на јавните набавки се спроведува во рамки на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.