Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посети фестивалот „Мото Илинден Урбан драјв“, кој од 1 до 4 октомври се одржува на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Главниот фокус на настанот, покрај промоцијата на мотоциклизмот, е насочен кон подигнување на свеста за безбедно и одговорно учество во сообраќајот.

Во рамките на фестивалот се организираат тест-возења, практични работилници за безбедно управување со мотоцикл, едукација на возачи почетници, обука за правилна употреба на заштитната опрема, како и запознавање на сите учесници со законските сообраќајни прописи. Во реализацијата на едукативниот дел од настанот активно е вклучен и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Министерот ја поздрави иницијативата и потенцираше дека токму навремената едукација, личната одговорност и доследното почитување на сообраќајните правила се од суштинско значење за поголема безбедност на мотоциклистите, кои важат за едни од најранливите учесници на патиштата.

„Љубовта кон моторите, адреналинот и слободата што ја носи мотоциклизмот секогаш мора да одат заедно со одговорноста. Кацигата и заштитната опрема, почитувањето на ограничувањето на брзината и сообраќајните правила не се формалност, тие спасуваат животи. Затоа ваквите настани се важни, особено за младите и за оние кои првпат влегуваат во светот на мотоциклизмот“, истакна Тошковски.

Панче Тошковски на фестивалот Мото Илинден Урбан драјв

Министерството за внатрешни работи континуирано спроведува засилени акциски контроли на терен, со особен фокус на возачите на мопеди и мотоцикли. Полициските службеници будно ја следат брзината на движење, поседувањето соодветна возачка дозвола, редовната употреба на заштитна кацига и придржувањето кон прописите.

Како клучен исчекор во оваа сфера се издвојува надградбата на системот „Безбеден град“. Покрај детектирањето на редовните прекршоци направени од возачите на мотори, со помош на вештачката интелигенција системот наскоро ќе има способност автоматски да ги препознава и санкционира оние што возат без кацига, ставајќи го во опасност сопствениот и животот на останатите учесници во сообраќајот.

Тошковски посочи дека новиот пристап во сообраќајната безбедност веќе дава конкретни и мерливи резултати. Во првите девет месеци од годинава се евидентирани 33 помалку жртви во сообраќајот споредено со истиот период минатата година, што претставува намалување на загубените човечки животи за околу 30 проценти. Истовремено, бројот на повредени лица бележи пад за околу 19 проценти, а позитивен тренд е забележан и кај сообраќајните несреќи во кои учествуваат мотоциклисти.

„Овие резултати не се само бројки. Зад секоја бројка стои човечки живот, семејство и нечија иднина. „Безбеден град“, засилените контроли, едукацијата и, пред сè, одговорното однесување на граѓаните покажуваат дека можеме суштински да ја промениме сообраќајната култура. Нашата цел е јасна – помалку незгоди, помалку повредени и што е можно помалку загубени човечки животи“, порача Тошковски.

Министерството за внатрешни работи најави дека ќе продолжи со паралелно спроведување на превентивните акции, континуираната едукација, засилените патроли и интеграцијата на најсовремени технолошки решенија за гарантирање на максимална безбедност на патиштата.