Трите енергетски компании ги доставија своите барања до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за цената на електричната енергија на регулираниот пазар по 1 јануари идната година. АД МЕПСО бара зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 проценти, „ЕВН Електродистрибуција“ бара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 проценти, а универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ бара зголемување за пет отсто на цената за снабдување со електрична енергија.
– Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека уште од сега може да потврди дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.
– На тој начин ќе се помогне не само на малите потрошувачи и домаќинствата, туку и за сите компании коишто се на слободниот пазар на електрична енергија. РКЕ ги анализира барањата. Нашата методологија е во целост усогласена со европското законодавство и има таму голем број на елементи коишто влијаат на крајната цена. Тоа се пред се трошоци за дебаланси, понатаму фактор на корекција коишто го имаат трите компании и исто така има и други елементи како што се пренесени трошоци, така што сите овие елементи овие денови ги анализираме и во текот на оваа недела врз основа на тие анализи ќе ги донесеме конечните одлуки, рече Бислимоски.
Претседателот на РКЕ информира дека за домаќинствата останува иста блоковската структура и границите, додека воведувањето на блокови за малите потрошувачи се одлага до 30 јуни идната година.
– Блоковската структура и границите остануваат исти. Четири-пет месеци веќе се применуваат. Имаме добри резултати така што сега засега не планираме да ги промениме и ќе останеме со истите блокови. Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведе блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули, рече Бислимоски.
РКЕ, додаде тој, со последната одлука има цена за активна електрична енергија, во делот на скапата тарифа имаме четири блока и во делот на евтината тарифа нема блоковска структура. На тоа се додава и трошокот за мрежарина и се добива крајна цена за домаќинствата.
– Крајната цена каква ќе биде на домаќинствата за сите параметри ќе ве информираме колку се менуваат активната електрична енергија во скапа тарифа за секој блок соодветно, за евтина посебно и мрежарина, прецизира Бислимоски.
За следната година, како што нагласи, „ЕВН Хоум“ бара 3.900 гигават часови електрична енергија што 100-процентно ќе ги обезбеди АД ЕСМ, додавајќи дека не се предвидува увоз на струја за потребите на регулираниот пазар до 30 јуни идната година.