Меѓународниот универзитет во Струга кој е во делумна сопственост на синот на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Генц Мерко доби уште една лиценца за отворање на Факултетот за здравствени науки од министерот за образование во заминување Јетон Шакири од ДУИ. Шакири, кој пред да стане владин функционер беше професор на Универзитетот во Струга.

Владината одлука за одобрение за основање на Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга е објавена во Службениот весник на 15 април годинава во време на предизборна кампања. Потпис на одлуката ставил техничкиот премиер Талат Џафери од ДУИ. Во неа е наведено дека на овој факултет се превидени две студиски програми: Општа медицинска сестра и Студии од здравствена нега, од прв циклус стручни студии (180 ЕКТС).

„Наставата на Факултетот за здравствени науки од член 1 од оваа одлука, е на македонски јазик и неговото кирилско писмо и албански јазик и неговото писмо, согласно Законот за високото образование“, пишува во одлуката објавена во Службениот весник.

На веб страницата на Меѓународниот универзитет Струга веќе е најавено дека во склоп на Универзитетот има и Факултет за здравствени науки. Покрај овој факултет, студентите на овој Универзитет се запишуваат и на Факултетот за политички науки, за економски науки, правни науки и информатички технологии.

Од Агенцијата за квалитет на високото образование за Тв Телма велат дека во тек е постапка за акредитација на студиските програми, па дури потоа ќе може да почне со работа оваа високообразовна установа.

Од коалицијата Влен( ВРеди) во писмено соопштение велат дека овој Универзитет е познат по „производството“ на итни дипломи, каде, како што тврдат низ годините, преку ноќ, дипломирале повеќе од половина од функционерите на ДУИ.

„Но, бизнисот на ДУИ и Рамиз, кој функционираше во стилот: земи ја „картичката“ на ДУИ, купи диплома од Рамиз и работата ти е сигурна му доаѓа крајот затоа што новата Влада ќе ги истражува сите случаи на продажба на дипломите и функционирањето на универзитетите како што е „Универзитетот на Мерко“, е наведно во соошштението на коалицијата Влен (Вреди) .

Во јуни минатата година Соединетите Држави го ставија Мерко на „црната листа “ на лица на кои им се забранува влез во САД. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“за влез во Соединетите држави.

Против Мерко Обвинителството во Струга и тоа во Скопје за гонење на организиран криминал и корупција во март годинава поднесоа две обвинениј. Првото за несовесно работење во службата, а второто за набавката на службениот автомобил „Ауди А6“. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 29 февруари го поднело обвинението до Кривичниот суд Скопје за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинението Мерко се соочува со максимална затворска казна од 5 години.