Во Храмот на Светиот гроб во Ерусалим и денеска се појави Благодатниот оган, едно од чудата во православието што секоја година се случува на Велика сабота пред Воскресението Христово – Велигден.

Церемонијата годинава се одржа со ограничен број на верници поради пандимијата на коронавирусот. На чинот на преземањето на Благодатниот оган беше дозволено да има само околу 2500 верници, со приложен доказ за вакцинација.

Вообичаено во Црквата на Светиот гроб и во нејзина близина во Ерусалим на овој ден се собираат илјадници православни верници, кои по слегувањето на Благодатниот оган го преземаат од рацете на ерусалимскиот патријарх и го пренесуваат понатаму.

Поради состојбата со Ковид 19 и ограничувањата за патувања, израелските власти годинава дозволија претавници на православните цркви да го преземат Благодатниот оган од аеродромот во Тел Авив и да го пренесат во своите земји.

Благодатниот оган од Ерусалим преку Атина вечер ќе пристигне и во Скопје. Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски ќе ја има честа на Меѓународниот аеродром во Атина да го преземе Благодатниот оган од страна на грчката државно-црковна делегација која ќе го донесе од Ерусалим.

По пристигнувањето на Меѓународниот аеродром во Скопје, Бладодатниот оган ќе биде преземен од претставници на православните епархии, кои ќе го однесат во сите градови низ државата.

Сотировски ќе му го предаде Благодатнот оган на Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во резиденцијалниот манастир Св. Георгиј Победоносец во Скопје.