Легендарниот актер кој е почитуван кај сите генерации гостуваше во емисијата „Магазин “ на Сител и рече дека од мали, кога и него и брат му ќе ги прашале што сакаат да бидат, тие велеле: глумец.
– Воопшто не жалам, и уште 150 години да живеам, истото ќе го правам. Ја љубам оваа професија што не може ништо да ме тргне, дури и см… не знам дали и таа ќе ме тргне од неа, рече актерот.
Потоа, се прикажа постар скеч во кој Благоја Чоревски и Гоце Тодоровски глумат Македонка и Бугарка кои се расправаат за тоа која земја побрзо ќе влезе во ЕУ. Потоа, водителката го праша: „Кога ќе влеземе во ЕУ“, а Чоре одговори во стилот на овој скеч од Иван Карадак кој бил пред времето: „Да го прашам татета“.
Тој студирал во Софија и таму има научено бугарски.
– Ние кога зборувавме македонски во Софија, не прашуваа дали сме српчета. Толку ни беше „близок“ јазикот. Никогаш не ни бил близок. По мене, бугарскиот јазик е сленг на македонскиот. Така да, тие се дојденци на местото каде што биле Македонците. И најлесно било, кога завладувале територии, да се разберат со Македонците, со староседелците, вели Чоревски.
Чоре раскажа дека во Софија студирал и Мето Јовановски, Ванчо Петрушевски, Диме Станковски, Марин Бабиќ и раскажа случка од тоа време.
-Во дипломата стои бугарски јазик. Ние учевме бугарски јазик. И си стои Македонец, изјави актерот.
Потоа, тој ја прокометрира најважната награда во својот живот, актерската награда Ристо Шишков.
– Ако нешто постои во животот како врв, тоа е врвот за мене. Многу ми значи таа нагарада. Со него сум играл, сум пиел, сме правеле разни глупости, тој е еден од врвните актери, рече Чоревски за Ристо Шишков.
Чоре зборуваше за својата сопруга Магдалена, за децата и за внуките. Неговата постара внука Лина Чоревска е актерка во битолскиот театар и таму живее, а помалата внука Лина Тодоровиќ живее во Скопје. Чоре зборуваше и за себе, како човек.
-Сум ги поминал сите будалаштини, сега сум стабилизиран, но детето во мене се уште постои. Еден од големите заслужни луѓе за она што сум денес, освен моите родители, е мојата сопруга.
Чоревски беше заменик министер за култура и на таа тема изјави:
– Човекот којшто е поставен за министер, мора да биде со сите, мора да биде со сите луѓе. Треба да ги слушнете сите луѓе, зашто работите исклучиво за нив. Јас сум дал оставка за заменик министер затоа што не ме слушале, како единствен стручњак во таа област, рече Чоревски за крај.