Меѓутоа, се чини, дека коментарот е направен со цел да се ублажи огорченоста на официјален Париз откако САД, Австралија и Велика Британија одлучија да испорачаат нови нуклеарни подморници во Австралија.

Трите земји објавија дека ќе воспостават воено-безбедносно партнерство во Индо-пацифичкиот регион и дека во таа смисла ќе и помогнат на Австралија да набави американски подморници со нуклеарен погон, поради што Австралија ја откажа нарачката од Франција од 40 милијарди долари за нуклеарните подморници, пренесоа британските медиуми.

Франција вчера остро реагираше на веста за откажување на нарачката во Австралија, а министерот за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, оцени дека со ваквата одлука Австралија „ и забоде нож во грб на Франција“.

Говорејќи на прес-конференција по средбите меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на САД и Австралија во Вашингтон, Блинкен кажа дека Вашингтон сака да ја искористи секоја прилика за продлабочување на трансатлантската соработка во Индо-пацифичкиот регион и нагласи дека Франција е „значаен партнер“.

Работиме неверојатно тесно со Франција за многу заеднички прашања во Индо-пацифичкиот регион, но и низ целиот свет, и ќе продолжиме да го правиме тоа. Ова партнерство е основно за нас, рече Блинкен, додавајќи дека американските официјални претставници во изминатите 48 часа биле во контакт со нивните француски колеги за да разговараат за ова прашање.

Меѓутоа, анонимен француски дипломат за британските медиуми потврди дека Американците не контактирале со Франција и дека француската дипломатија немала никакви информации се додека политичкиот врв не бил запознат со медиумските извештаи за договорот, по што тие им се обратиле на колегите од САД да им објасни за што станува збор.

Во 2016 година, Австралија одлучи да склучи договор за изградба на нова подморничка флота во вредност од 40 милијарди долари со француската корпорација „Naval Group“, која беше поништена со нов договор.

САД и нивните сојузници бараат начини да се спротивстават на растечката воена моќ и влијание на Кина, притисокот врз Тајван и распоредувањето на кинеските сили во спорното Јужно Кинеско Море.

Не бараме конфликт со Кина, изјави денеска за новинарите портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, а Пекинг соопшти дека САД, Австралија и Велика Британија „сериозно го нарушуваат регионалниот мир и стабилност“.