Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во изминатите два дена го потврди новиот пристап кон сојузниците во НАТО, велејќи дека Вашингтон нема да ги принуди да избираат помеѓу САД и Кина.

– САД нема да ги принудат сојузниците да не изберат нас или нив кога станува збор за Кина, рече Блинкен, кој присуствуваше на состанок на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел. Потоа во седиштето на Европската комисија разговараше со претседателката Урсула фон дер Лајен.

Меѓу членките на Европската унија нема подготвеност да се влезе во конфликтни односи со Кина, како што бараше Доналд Трамп. На крајот на минатата година, ЕУ потпиша договор за инвестиции со Кина, за кој најмногу се залагаше Германија.

– Знаеме дека нашите сојузници имаат многу сложени односи со Кина, кои не секогаш се совпаѓаат, рече Блинкен.

Од друга страна, има многу членки на ЕУ кои не се задоволни од овој договор, бидејќи сметаат дека Кина не ги исполнува политичките услови за ваков договор. Оваа недела ЕУ воведе санкции за поединци во Кина поради кршење на човековите права на припадниците на муслиманското малцинство Ујгури, на што Пекинг одговори со воведување санкции за некои европски дипломати и членови на Европскиот парламент.

Блинкен рече дека Кина го поткопува меѓународниот трговски систем, воспоставен по Втората светска војна.

– Тие активно работат на поткопување на правилата на меѓународниот систем и вредностите што ги споделуваме ние и нашите сојузници. Ако работиме заедно за да ја создадеме нашата позитивна визија за меѓународниот поредок, убедени сме дека можеме да ја надминеме Кина на кое било поле, истакна Блинкен.