„Уставни амандмани нема да има, тука веќе дискусија не треба да има. Нема да поминат уставните промени. Огромното мнозинство на граѓани преку јавните анкети јасно порачаа дека се против уставните промени. Самиот договор кој што е правен со Бугарија е правен во еден тесен круг, тесен круг кој што дома нема направено домашен консензус за да може потоа да се пристапи кон уставни измени“, истакна Ивица Боцевски во гостување во емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Боцевски додаде дека власта избра модел, модел за одење на сила, одење на кршење на опозицијата, да се оди на поткупување на пратеници, да се оди на кршење на волја на бирачите.
„Уставни амандмани нема да има, треба да се зборува веќе за избори. Тоа дека ќе нема уставни измени сум сигурен поради ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ставот на опозициските партии, и ставот на неколкуте пратеници кои што се од составот на СДСМ. Европеизација преку бугаризација нема да се спроведе“, нагласи Боцевски.
Тој посочи дека додека Бугарија не ја повлече изјавата за македонскиот јазик, и додека не ги спроведе пресудите од Европскиот суд за човекови права таа не е вистински партнер на Македонија.