Преку 3 милиони патници се превезени од Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид од почетокот на годината до денеска. Ова е нова рекордна бројка на превезени патници од домашните аеродроми.
По тој повод, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска оствари работна средба со генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт на која се разговараше за постигнатите резултати и развојот на авиособраќајот во Македонија.
Министерот Бочварски потенцираше дека и за следната година во буџетот на Министерството за транспорт и врски се обезбедени преку 100 милиони денари за финансиска поддршка за нови авиолинии. Тој изрaзи задоволство од заедничката соработка со ТАВ Македонија која во континуитет работи на развој на ависообраќајот во земјава.
“ Како и сите земји во светот, ковид пандемијата негативно влијаеше врз авиосообраќајот и во нашата земја. Но тие состојби ги надминавме и денеска можеме да бидеме горди заедно со ТАВ Македонија бидејќи имаме нови рекорди на превезени патници. Три милиони патници се бројка која ветува континуиран развој на авиосообраќајот. Владата гледа на ТАВ како партнер во креирање на нови политики и развој на авиосообраќајот во Северна Македонија. Верувам дека вака поставените политики ги оправда плановите на Министерството, а тоа се воспоставување на нови дестнациии за граѓаните како и зголемување на бројот на туристи. Крајната цел е да имаме квалитетен и безбеден авиосообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Во знак на реализираните резултати како и поддршката што ТАВ Македонија ја овозможи за реализација на Самитот на ОБСЕ 2023 во Северна Макеоднија, министерот Бочварски му додели Благодарница на генералниот директор Неџат Курт за успешните резултати.