60 години од формирањето на Техничкиот факултет во Битола е голем јубилеј и затоа посакувам и идни успеси со многу студенти што ќе се едуцираат на овој факултет, нагласи Бочварски.
-Како Министерство за транспорт и врски имаме нераскинлив дел со овој факултет затоа што сообраќајот, транспортот, инфраструктурата ја движат економијата и придонесуваат за развој на државата. Посакувам овој факултет да продолжи да се развива затоа што е значаен за овој регион. Инаку во транспортните политики доаѓа убаво време во кое целосно се развива инфраструктурата од централна Македонија, од Коридорот 10 кон Прилеп и Битола бидејќи се градат двете делници, а наскоро почнуваме со рехабилитација на превојот Плетвар. Во нашите планови е и новото автопатско решение Прилеп-Битола и експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Тоа се планови кои ќе ги развиваме и во соработка со Техничкиот факултет во Битола, а со цел поголем раст и развој на нашата држава, истакна министерот Бочварски.
Техничкиот факултет е формиран во 1961 година со две насоки, односно машински и електро отсек. Во периодот до денес и согласно потребите на стопанството формирани се отсек за сообраќај и транспорт, потоа индустриски менаџмент, графичко инженерство и дизајн, како и насоката за мехатроника, потсети деканот на факултетот професорот Стојанче Нусев.
-Носечката сила на Технички факултет-Битола се искуството и кадарот што го има, а иднината на факултетот се студентите што дипломираат или дипломирале на овој факултет на сите три студиски циклуси. Во последниов период фокус се научноистражувачката и апликативна работа за што на располагање се 7 активни лабаратории и еден сметачки центар, истакна Нусев.
Во рамки на јубилејната прослава Техничкиот факултет-Битола одржа меѓународна научна конференција на тема „Транспорот во современо општество“.