Фондот за здравство доби уште пет досиеја на пациенти со сомнеж дека им биле направени непотребни кардиолошки интервенции во приватни болници. Со ова бројката на разгледувани случаи се искачи на 13.

Првите осум досиеја веќе ги анализираше стручната комисија на Министерството за здравство. Истите ќе бидат предмет и на дополнителна оценка од Лекарската комора, додека странските експерти ќе дадат став по изборите. „Нема да се излегува со делумни информации, јавноста ќе го добие конечниот извештај дали и какви злоупотреби постоеле,“ истакна министерот.

Аферата беше поттикната од наводите на кардиологот Сашко Кедев, кој изјави дека во приватни установи се вршеле интервенции на срце без медицинска оправданост. Премиерот Христијан Мицкоски посочи: „Кога нешто доаѓа од светски експерт мора да има позадина, целосно ќе се проверат сите индиции и мора да има одговорност.“

Тој порача и: „За секој што се богател на грбот и здравјето на граѓаните ќе има одговорност.“

Како дел од реформите, Мицкоски најави обединување на државните клиники за кардиологија и кардиохирургија во Национален кардиоваскуларен центар, проект што е во подготовка и ќе се реализира по изборите.

Проблемот со недостиг од анестезиолози во државната кардиохирургија, каде во моментов работат само двајца, ќе се решава со вклучување на лекари од регионот за да се овозможи зголемување на бројот на операции.

Во меѓувреме, на државната кардиохирургија беше промовирана и надградена хибридна сала – единствена од таков тип во регионот.