Новиот едношалтерски систем ќе овозможи целосна дигитализација на издавање дозволи и лиценци и нивно плаќање, колективно користење на податоците од страна на институциите, можност за комуникација со системите на други земји, издавање на дозволи под еден „покрив“. Истиот треба да ги намали трошоците и времето на чекање потребно за завршување на извозните и увозните постапки. Ова ќе овозможи олеснување на трговијата, забрзување на транспортот, забрзана интеграција во ЕУ, а со тоа и зголемување на конкурентноста на македонските компании и подобрување на условите за водење бизнис. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев на настан на кој пред бизнис заедницата беа презентирани придобивките на Новиот едношалтерски систем што се имплементира како дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан.
„Истовремено преку имплементација на системот ќе се овозможи унапредување на анализата на ризик за сите институции коишто се вклучени во издавањето дозволи во прекуграничната трговија со што ќе се намали бројот на контроли, а истовремено ќе се зголеми квалитетот на истите“, истакна Богоев.
Уште од првиот ден на моето стапување на функцијата директор на Царинската управа ветив резултати, тоа се подобрување на условите за водење бизнис преку партнерство со бизнис заедницата и нула толеранција за корупцијата и организираниот криминал.
Денешниот настан и резултатите од преземените активности, вели Богоев, говорат дека ефектите се видливи. Така, додава Богоев, во последната анкета на Советот на странски инвеститори Царинската управа е орган од чија работа се најмногу задоволни инвеститорите.