Како што јави дописникот на МИА од Софија, Борисов на Фејсбук објави дека ја уверил Фон дер Лајен оти ако по парламентарните избори на 14 ноември во Бугарија новата влада ја формира неговата партија ГЕРБ, таа ќе ги продолжи политиките за проширување на Европската унија кон Западниот Балкан.

Само со проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан ќе има траен мир, одржлив развој и заеднички просперитет во регионот. Нашата одговорност кон идните генерации не обврзува да ги продолжиме напорите во оваа насока, нагласил Борисов.

Тој, исто така, ја истакнал цврстата заложба на Бугарија да ги достигне другите европски земји во справувањето со Ковид-19, да се врати на патот кон зачленување во Еврозоната и да ги поддржи напорите на европските лидери за надминување на енергетската криза и климатските промени.

За таа цел, според Борисов, ГЕРБ ќе вложи напори да победи на изборите на 14 ноември и да работи на конструктивен дијалог со другите одговорни политички сили во Бугарија.