-Имаме брз пораст на позитивните случаи во Битола што создава голем притисок врз Ковид-центарот, за неколку дена имаме удвојување на бројките на хоспитализирани. Двете млади лица се на возраст од 15 и 18 години, имаат сериозна клиничка слика, немаат коморбидитети, но не биле вакцинирани, а од друга страна пак имаме и доста пациенти од повозрасна популација помеѓу 85 и 92 години, вели Билјана Гагачовска, директорка на Клиничката болница од Битола.
Според неа, уште повеќе загрижува големиот притисок врз дневната амбулантата каде исто така доминираат пациенти од помладата популација.
-Веќе се забележуваат деца под 18-годишна возраст кои бараат помош. Упатувам апел до граѓаните да се вакцинираат, оние кои е потребно да ја примат и третата доза. И она што е најважно, да ги почитуваат препораките кои се покажа дека имаат големо влијание за намалување на трансмисијата, а тоа е носењето на маска, негрупирањето и одржувањето дистанца, рече Гагачовска.
Битола за неколку дена се искачи на второ место во државата по број на активни случаи, 580, веднаш по Скопје. Во државата нема ниеден друг град од внтрешноста каде има над 500 заболени од коронавирус.
Изминатите денови интересот за вакцинација се намали. Ако во октомври дневно имаше по 400 вакцинирања со трета доза, овој месец бројката е преполовена.