Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, откако беше хоспитализиран поради болки во стомакот, се огласи на својот профил на Твитер и информира дека можеби ќе треба да оди на операција.
– Ќе бидат направени повеќе прегледи за да се утврди дали ќе биде неопходна операција во абдоменот, објави Болсонаро на Твитер, заедно со фотографија на која го крева палецот во болничкиот кревет.
Бразилскиот претседател изјави дека ова му е втора хоспитализација „со исти симптоми“ откако беше избоден за време на претседателската кампања во септември 2018 година.
Болсонаро синоќа беше примен во болница поради болки во стомакот и беше прегледан за да се утврди дали е неопходна операција, изјави докторот на Болсонаро, Антонио Луис Маседо.
Бразилската ТВ мрежа „Глобо“ прикажа слики од Болсонаро како се спушта по скалите на претседателскиот авион откако час и половина по полноќ слета во Сао Паоло, а потоа беше префрлен во болницата „Вила Нова Стар“, пренесува „Глобо“.