Овој преоден рок ќе биде запаметен како најатрактивен во историјата на светскиот фудбал, по бројните мегатрансфери што ги направија најголемите европски гигант. Реал Мадрид во текот на утрешниот ден би требало да го финишира ангажманот на Мбапе, а доцна вечерва стигнува и нова „бомба“ – Кристијано Роналдо заминува во Манчестер Сити, трансфер што ќе биде официјализиран до крајот на викендот.
Жорге Мендеш не успеа да го убеди Јувентус да го пушти Португалецот како слободен играч, по што Сити на крајот се согласи да плати 25 милиони евра за големиот ас. Јувентус ја очекува официјалната понуда за што поскоро истата да ја прифати, за да може трансферот набрзина да биде комплетиран, а „старата дама“ да има доволно време да донесе нов голгетер во своите редови.
Пред само неколку минути за ова се огласија и медиумите ширум светот.
Италијанските медиуми информираат дека Роналдо самиот поднел барање за трансфер, кое било прифатено од Јувентус, но само под услов да се добие сумата што „црно-белите“ од Торино ја очекуваат за фудбалерот што пред неколку години го платија 100 милиони евра. Без разлика дали трансферот ќе биде официјализиран во следните 48 часа, Роналдо дефинитивно нема да игра против Емполи викендов, за да се избегне опасноста од евентуална повреда со која овој трансфер би паднал во вода.
Платата што ќе ја зема во Манчестер Сити ќе биде далеку пониска од оние 31 милион евра што му беа загарантирани за сезонава во Јувентус, но менаџерот Жорге Мендеш успеал да се избори „граѓаните“ да му понудат тригодишен договор, со што Роналдо ќе игра активно на највисоко ниво до 39-годишна возраст, пренесува Екипа.мк.