Ноќеска, околу еден часот по полноќ, непознато лице влегло во гаража од семејна куќа во скопската населба Бит Пазар, во сопственост на маж кој моментално живее во Италија, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Како што наведуваат од МВР, сопственикот на куќата, идентификуван како Е.Р., набргу по инцидентот добил порака со закана во која му било соопштено дека во неговото возило е поставена бомба. По пријавата, полициски службеници излегле на местото и при извршен преглед кај неговиот автомобил „Фиат“ со скопски регистарски ознаки пронашле рачна бомба М75, прицврстена со жица на рачката од возачката врата.
Дополнително, при преглед на друго возило „Фиат“ со италијански регистарски ознаки, сопственост на неговиот брат А.Е., кој исто така живее и работи во Италија, во багажникот била пронајдена кутија со 100 куршуми калибар 7,62 милиметри за автоматско оружје.
Полициски екипи ја обезбедиле локацијата, а бомбата е безбедно отстранета. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
