Новите гасни поврзувања со Грција и Србија, инвестициите во МЕПСО, интерконекцијата со Албанија, планирањето на енергетските капацитети и поддршката за ранливите домаќинства. Ова се меѓу приоритетите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерката Сања Божиновска во интервју за МИА разговараше за придобивките од овие проекти, новите закони, надлежностите на институциите и економската вредност на домашните ресурси. Таа се осврна и на создавањето на Министерството од самиот почеток, како и на прозивките со кои Левица ја образложува интерпелацијата која е на дбевен ред кон крајот на овој месец.
Најважно е што истовремено работиме на инфраструктурата, правилата за инвестирање и непосредната поддршка за граѓаните. Новите енергетски врски треба да обезбедат повеќе можности за снабдување, посилната мрежа да го поддржи развојот на економијата, а програмите за ранливите потрошувачи да им помогнат на семејствата на кои енергетските трошоци им претставуваат најголем товар. Во септември, во Солун, го формализиравме приклучувањето кон Вертикалниот гасен коридор. Заедно со Србија влегуваме во поширока регионална рамка што ги поврзува гасните системи на девет држави. Тоа е значајно затоа што нашите интерконектори добиваат поширока европска функција: отвораат пристап до нови извори и создаваат можност Македонија да учествува и во транзитот на гас. Во Белград, на почетокот на октомври, продолживме со вториот министерски состанок на Македонија, Србија, Грција и Бугарија. Овој четиристран формат, започнат во мај, воспоставува редовна соработка меѓу две членки на ЕУ и две земји кандидати. Разговорите ги поврзуваме со конкретните задачи на операторите, со роковите на проектите и со поддршката што ни е потребна за европската енергетска интеграција, кажа Божиновска.
На домашен план го издвојувам решавањето на долгогодишното имотно прашање со трафостаницата Дуброво. По моја иницијатива ја интензивиравме координацијата меѓу надлежните институции и МЕПСО, а објектите се запишани во сопственост на компанијата. Со тоа се обезбедува поцврста правна основа за инвестициите во овој важен дел од преносната мрежа, вели таа.
Во септември објавивме и над 500 нови ваучери за инвертер-клими за опфатените ранливи категории. Тие се надоврзуваат на распределбата на 4.070 ваучери по претходниот повик, која ја спроведуваме годинава. Паралелно ги оценуваме иницијативите за нови енергетски објекти и работиме на законските решенија за геологија и рударство. Во секоја од овие области целта е резултатот да има практична вредност: посигурно снабдување, предвидливи услови за стопанството и поддршка што стигнува до граѓаните, изјави Божиновска.
Целото интервју на МИА
