Претставници на одборите на организацијата „Бранители“ од неколку градови, припадници на армијата и полицијата, здруженија и пријатели и роднини на убиените, на местотот на настанот положија цвеќе, а беше поставена и спомен-плоча со имињата на осумте бранители, пренесува Сакамдакажам.мк.
Одборот на бранители досега неколку пати поставуваше спомен-плоча на ова место но таа секогаш беше кршена од засега непознати сторители. Затоа, претседатело на Одборот на бранители Марин Најдов овојпат побара во занак на помирување оваа плоча да не биде искршена како другите досега.
– Огорчен сум што ни се случува кога ги чествуваме нашите паднати бранители. Не бараме ништо, ние имаме само сочуство. Ништо повеќе, не водиме политика. Не сакаме да наштетиме некому. Многу пати, да не кажам секогаш, на местата каде што сме отишле да однесеме плоча за чествување на паднатите бранители, секогаш биле уништувани. И тоа не е добро. Не служи никому. На овие простори има доста споменици направени од страна на УЧК. Никој не ги погледнал, а камоли да наштети. Од оваа прилика и ова место сакам да го повикам потпретседателот на Владата Артан Груби да направи напори да оваа плоча остане на местото. Тоа да биде почеток за понатаму. Тоа е порака на Бранителите, кажа Марин Најдов.
На 28 април 2001, попладнето патрола на македонските безбедносни сили падна во заседа поставена од припадници на УЧК. Нивните возила биле уништени со ракетни фрлачи, а телата на преживеаните биле запалени и живи изгорени. Тука беа убиени четворица припадници на воената единица „Волци“ и четворица полицајци при ОВР Битола. За овој злостор, кој е надвор од правилата на војувањето, беше побарано Хашкиот суд за воени злосторства да покрене обвинение, но барањето беше одбиено, за после припадниците на УЧК, а со тоа и тие што го направија овој злостор, да бидат амнестирани од македонското Собрание.
– Не беше тоа обична трагедија, овде загинаа елитни млади момчиња, спремни и самопожртвувани да го бранат и одбранат интегритетот и суверенитетот на нашата држава. Не отидоа сами во смрт туку државата ги испрати, таа побара, а тие го дадоа својот живот. Затоа сме денес тука, да се поклониме на местот на настанот пред оваа спомен плоча која нѐ предупредува и нѐ потсетува на настанот. Загинатите да не се заборават. Тоа е најмалку што можеме да сториме. Свесни дека ниту една цел не е толку возвишена да ги оправда нечесните средства, ќе чекаме трпеливо и ќе се надеваме дека еден ден оние кои го извршија масакрот правдата ќе ги достигне, бидејќи правдата по некогаш е спора, ама секогаш достижна, кажа Најдов.