Помладиот брат на британскиот крал Чарлс, Ендрју Маунтбатен-Виндзор, беше ослободен од полицискиот притвор во четврток вечерта откако беше уапсен под сомнение за злоупотреба на положбата при вршење на јавна функција и обвинувања дека му испраќал доверливи владини документи на осудениот сексуален злосторник, сега покојниот Џефри Епштајн.
Маунтбатен-Виндзор, кој наполни 66 години токму во четврток, беше испрашуван во текот на целиот ден од страна на детективите од полицијата во грофовијата Долината на Темза.
Порано овој месец, полицијата соопшти дека истражува обвинувања дека му испраќал доверливи документи на починатиот осуден сексуален престапник Џефри Епштајн додека работел како трговски претставник.
Маунтбатен-Виндзор беше пријавен во полиција од страна на антимонархистичката група Republic (Република) откако беа објавени повеќе од три милиона страници документи поврзани со Епштајн, кој се изјасни за виновен за обвиненијата за проституција во 2008 година.
Според документите, Маунтбатен-Виндзор му доставил на Епштајн извештаи за Виетнам, Сингапур и други места што ги посетил на службени патувања во 2010 година.
Апсењето на висок член на кралското семејство, осми во редот за наследување на тронот, е без преседан во модерното време.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за Ендрју Маунтбатен-Виндзор и сомнежот за злоупотреба на службената должност при вршење на јавна функција“, изјави кралот Чарлс во соопштението.
Очевидец го видел принцот Ендрју како ја напушта полициската станица во Ајлшам во источна Англија, каде што бил пречекан од мала група фотографи и телевизиска екипа, пренесува агенцијата Reuters.
Фотографијата на Reuters направена по неговото ослободување го покажува како седи во автомобил, видливо потресен.
Маунтбатен-Виндзор, вториот син на покојната кралица Елизабета Втора, секогаш негираше какво и да е кривично дело во врска со Епштајн и велеше дека жали за нивното пријателство.
Неговата канцеларија не одговори на медиумските барања за коментар, а тој не зборуваше во јавноста откако американската влада објави повеќе од три милиони страници документи поврзани со Епштајн.
