Новиот импулс во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија по посетата на бугарскиот премиер е добар знак за почетокот на преговори со Европската унија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји и истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес.
Во телефонски разговор со премиерот Димитар Ковачевски, Фон дер Лајен нагласи дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија.
И висок дипломатски извор од ЕУ за МИА оцени дека посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков на Скопје оваа недела претставува отворање помеѓу двете страни.
– Не сакам да зборам на место на лидерите, но гледаме отворање, ние како претседателство бараме конкретизација за да можеме да ги отвориме преговорите за членство, не само со Северна Македонија туку и со Албанија штом условите се исполнети, објасни овој висок дипломат во Брисел.
Во вторник во Брисел ќе се одржи редовниот Совет за општи работи на ЕУ каде ќе се состанат министрите за европски прашања на ЕУ. Проширувањето нема да биде на дневен ред, потврди француското претседателство, кое претседава со состанокот. Но министрите се слободни да го покренат прашањето за проширувањето или за Северна Македонија доколку сметаат дека е потребно.
Франција нагласува и дека останува на располагање на двете страни да им помогне да го надминат спорот и да изнајдат решение. – Од почеток рековме дека ќе поттикнеме изнаоѓање на решение помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија, рече француски дипломат за МИА.
Надеж дека земјава наскоро ќе ги почне преговорите вчера изрази државната министерка во германското Министерство за надворешни работи Ана Лирман.
Лирман во интервју за Дојче Веле истакна дека ЕУ и Бугарија треба да си го одржат ветувањето кон Северна Македонија. Смета дека се многу позитивни и охрабрувачки сигналите од првата средба на македонскиот премиер Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Кирил Петков во Скопје.
Германската министерка која во понеделникот го посети Скопје и која беше прв странски дипломат кој се сретна со новиот премиер Ковачевски и со повеќе владини претставници, смета оти е важно што почнаа разговорите со Бугарија и што се одвиваат во билатерален формат.
– Убав сигнал е тоа што новата македонска и бугарска влада отворено се придвижија. Се надевам дека билатералните теми кои постојат во тој билатерален формат набрзо ќе се надминат. И за мене беше многу важна мојата посета, затоа што се случи веднаш по формирањето на новата влада и тоа му беше првата посета на новиот премиер (на С. Македонија, н.з.) и тоа покажува колку се добри односите меѓу Северна Македонија и Германија, што посетата се случи толку брзо, истакна Лирман.
Берлин и Брисел се подготвени да го поддржат процесот, но, како што посочи, во најголем дел се работи за билатерален процес. – Мислам дека и за новата бугарска влада приоритет е да продолжи со сопствената реформска агенда и дека постои желба историјата да им се остави на историчарите, вели Лирман.
За најновиот развој на односите меѓу двете соседни држави во светло на неодамнешната посета на претседателот на владата на Бугарија на Скопје, како и за претстојните активности во Софија, вчера телефонски разговарале претседателите на двете земји Стево Пендаровски и Румен Радев.
Пендаровски го поздравил воспоставениот дијалог меѓу двете влади и ја истакнал подготвеноста на Република Северна Македонија за негово интензивирање во наредниот период. Во насока на зајакнување на дијалогот меѓу двете земји, двајцата претседатели разговарале и за можноста за скорешна официјална посета на Пендаровски на Софија, како и за интензивирање на комуникацијата на највисоко ниво во претстојниот период.
Надеж за можен пробив во решевањето на проблемот, изрази и холандскиот амбасадоор во Скопје Јан Дирк Коп. Холандија очекува обновената комуникација меѓу двете влади да го поттикне очекуваниот напредок во процесот за членство на Северна Македонија во ЕУ со одржување на првата Меѓувладина седница за отворање на поглавјата, истакнал амабасадорот Дирк Коп на вчерашната средна со премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски, пак, потенцирал дека како земја што има стриктен пристап кон објективното вреднување на пристапните критериуми, поддршката на Холандија е потврда дека со посветеноста на европската реформска агенда, Северна Македонија е целосно подготвена за отворање на преговорите.
И САД остануваст силен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија. Американската поддршка во процесот на европската интеграција на земјава, и важноста и неопходноста од напредок на Западен Балкан во процесот на евроинтеграциите, уште еднаш е потврдено на средбата на амбасадрката Кејт Мери Брнз со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во пресрет на заедничката седница со Владата на Бугарија на 25 јануари, Маричиќ ѝ го претставил на амбасадорката Брнз начинот на кој ќе се формираат и на кој ќе функционираат работните групи во рамки на новиот пристап со Бугарија, од кои се очекува да го придвижат процесот за надминување на отворените прашања, но и да бидат добра основа за зајакнување на соработката помеѓу институциите, граѓанскиот и бизнис секторите.
Според договореното меѓу Ковачевски и Петков, формирани се заеднички меѓувладини работни групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. За копретседавачи на работните групи се именувани вицепремиерите и министри од соодветните ресори, а во нив ќе членуваат и претставници на ресорните министерства и соодветните агенции и институции.
Новите влади во Скопје и во Софија очекуваат новиот пристап кон решавањето на отворените прашања да доведе до позитивен исход и да ја отвори перспективата на Северна Македонија за отворање на пристапните преговори со ЕУ.