Шефот на Одделот на Европската комисија за Србија и Црна Гора, Мајкл Милер, изјави дека позицијата на Белград по однос руската воена акција во Украина може да влијае на процесот на европска интеграција на Србија.
Тој пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, во дебатата за нацрт-резолуцијата на ЕП со која се повикува Србија да ја усогласи својата политика со одлуките и позициите на ЕУ за надворешната политика, вклучително и воведувањето санкции кон Русија, порача дека напредокот на Србија во преговорите за пристап во ЕУ зависи од владеењето на правото и дијалогот со Приштина, но и санкциите кон Русија.
Имаше многу значајна еволуција во геополитичкиот контекст и позицијата на Србија по однос на руската агресија против Украина ќе биде суштински елемент што треба да се земе предвид. Србија е свесна за очекувањата на ЕУ по усогласувањата, вклучително и рестриктивните мерки (против Русија) – порача Милер.
Слична порака упати и известувачот на ЕП за Србија, Владимир Билчик, велејќи дека невоведувањето санкции кон Русија ќе има последици за Србија, притоа изразувајќи надеж дека Белград ќе ја усогласи својата политика со одлуките на ЕУ насочени против Москва.
Суверените држави носат суверени одлуки, но суверените одлуки имаат и импликации за меѓународните партнерства, сојузи и европската интеграција. Се надевам дека одлуките во Србија по изборите ќе ги одразат европските аспирации на Србија – изјави Билчиќ.
Шефот на одделот за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи, Елза Фенет, позитивно ги оцени неодамнешните гласања на Србија против Русија во Обединетите нации, но изјави дека се потребни конкретни активности независно од тие важни одлуки.
Србија сè уште нема усвоено ниту една од рестриктивните мерки директно поврзани со санкциите против Русија. Контактите со Русија продолжуваат на највисоко ниво, вклучувајќи и со некои контроверзни личности. Србија одржува летови со Русија – посочи Фенет.
Во нацрт-резолуцијата на ЕП чиј автор е Билчик, се изразува жалење поради фактот што Србија не се приклучила кон санкциите на ЕУ против Русија.
Европарламентот ги повикува новоизбраните власти во Белград да покажат вистинска посветеност на вредностите на ЕУ и да се усогласат со одлуките и позициите на ЕУ во надворешната и безбедносната политика, вклучително и санкциите против Русија – се наведува во документот објавен на веб-страницата на ЕП