Премиерот на Обединетото кралство, Борис Џонсон, попладнево разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, при што им оддал почит на храброста на украинските сили кои продолжуваат храбро да ја бранат слободата на својата земја, соопштуваат од канцеларијата на британскиот премиер.

Претседателот Зеленски го информирал премиерот за ситуацијата во Мариупол, на што премиерот одговорил дека го поздравува украинскиот отпор во градот.

Двајцата разговарале за потребата од долгорочно безбедносно решение за Украина, а британскиот премиер изјавил дека ќе продолжи тесно да соработува со сојузниците и партнерите за да обезбеди Украина да го брани својот суверенитет во неделите и месеците што следат.

Џонсон го информирал претседателот Зеленски за новите санкции од ОК кои стапија на сила минатата недела и рече дека ОК ќе продолжи да обезбедува средства за Украина да се брани, вклучително и оклопни возила во наредните денови.

Премиерот Џонсон истакнал дека меѓународната поддршка за Украина само станува посилна и дека останува убеден дека Украина ќе успее, а Путин ќе пропадне.