Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, денеска официјално го потпиша буџетот на Европската Унија за 2027 година. Со овој потпис финансискиот план стапи на сила, откако претходно беше изгласан од страна на европратениците на пленарната седница во Стразбур.

Европскиот парламент го усвои буџетот со мнозинство од 406 гласа „за“, 184 беа „против“, додека 69 пратеници гласаа воздржано.

Според податоците соопштени од Европскиот парламент, буџетот предвидува вкупно 199,7 милијарди евра наменети за преземање обврски, како и 211,5 милијарди евра за директни плаќања.

Ова претставува последен годишен буџет во рамките на повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија за периодот од 2021 до 2027 година, а официјалната примена ќе започне на 1 јануари 2027 година.

За време на водените преговори со земјите членки на Европската Унија, европратениците успеаја да обезбедат дополнителни финансиски средства од над 300 милиони евра над првичниот предлог поднесен од Европската комисија. Овие средства се наменети за клучни приоритетни области, меѓу кои спаѓаат научните истражувања, транспортните и енергетските мрежи, образованието, цивилната заштита и хуманитарната помош.

Во рамките на дополнително обезбедените средства спаѓаат 21,5 милиони евра наменети за истражувачката програма „Хоризонт Европа“, 22,5 милиони евра за развој на транспортните и енергетските мрежи, 14 милиони евра за образовната програма „Еразмус+“, како и 13,5 милиони евра распределени за Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.

Постигнатиот меѓуинституционален договор исто така предвидува значајно зголемување на средствата за хуманитарна помош, за управување со надворешните граници, за миграциската политика, програмите насочени кон соседството, како и за зајакнување на безбедносните капацитети на институциите на Европската Унија.

Европскиот парламент и Советот на ЕУ го усогласија буџетот во текот на преговорите одржани на 11 ноември. Советот формално го одобри документот на 23 ноември, по што следеше и завршното гласање во законодавниот дом.