Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, на безбедносната конференција ГЛОБСЕК во Прага оцени дека односот на Европската Унија кон Северна Македонија е „крајно неправеден“ и сериозно го поткопува кредибилитетот на Унијата.

„Тоа што се случува околу Северна Македонија едноставно не е праведно. Тоа е толку нефер што не може никому во светот да му се објасни. Државата го промени името, а за возврат не доби ниту датум за почеток на преговорите“, изјави Брнабиќ за време на дебатата „Како надвор од чекалната – ново промислување на проширувањето“.

Таа предупреди дека ваквиот пристап создава недоверба кај граѓаните кон нови уставни измени и отстапки, бидејќи секогаш постои ризик некоја држава повторно да отвори билатерален спор и да го блокира евроинтеграцискиот процес.

Со нејзините оценки се согласи и поранешниот австриски канцелар и министер за надворешни работи Александар Шаленберг.

Тој изјави дека случајот со Македонија покажува оти Европската Унија не смее да дозволува историски и билатерални спорови да станат дел од процесот на проширување.

Како негативен преседан го посочи фактот што на Грција ѝ било дозволено да го внесе спорот со Македонија во пристапниот процес, предупредувајќи дека со таква пракса ниту една земја нема лесно да стане членка на ЕУ поради внатрешно-политички популизам.