Состојбата со Ковид-19 е стабилна, бројката е значително намалена, а смртните случаи се вистинска реткост, изјави за 24 Инфо портпаролот на комисијата за заразни болести, Д-р Злате Мехмедовиќ.

-Во моментов состојбата со Ковид-19 е стабилна. Неделно имаме по 30-на пациенти позитивни на корона. Дел од нив се со посилни симптоми и се хоспитализирани во инфективните клиники и се со кислородна поддршка, вели Мехмедовиќ.

За малиот број на смртни случаи, Мехмедовиќ вели дека главната причина не е коронавирусот туку некоја друга болест.

-Некогаш може да се случи во текот на неделата да нема смртни случаи, основната причина за смртта е некоја друга болест, вели Мехмедовиќ.

Според него, досегашните мерки се доволни и нема потреба за нивно дополнување во пресрет на новогодишните и божиќните празници и апелира истите да се почитуваат.

-Не можеме да прогнозираме ништо каква ќе биде клиничката слика по новогодишните празници, на сила остануваат оние четири мерки кои што комисијата ги остави во текот на летните месеци а тоа се да се носат маски во здравствените установи, во аптеките, домовите за стари лица и јавниот превоз и апелирам истите да се почитуваат, рече Мехмедовиќ.

Тој додаде извештаи за Ковид-19 ќе се објавуваат неделно, бидејќи нема потреба за дневни извештаи затоа што бројките со новозаразени се премали.

-Ние како комисија за заразни болести препорачавме до Министерството за здравство да се објавуваат неделни извештаи за Ковид-19 наместо дневните извештаи како што беше пракса порано, вели Мехмедовиќ.

Иако беше најавено, Министерството за здравство не ги објавува извештаите, па последниот датира од 7 ноември.

Според истиот, досега во земјата се направени вкупно 2.186.573 тестирање на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 344.342, бројот на оздравени пациенти е 334.556, на починати е 9.572, а бројот на активни случаи изнесува 214.

За разлика од Македонија, во останатите земји од регионот се достапни информаиите, па вчерашните бројки на позитивни на коронавирусот на Балканот гласеле: Србија 368, во Хрватска 272, Aлбанија 17 новозаразени, Словенија 471, Црна Гора 19 позитивни, Бугарија 41.