Градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибрахими вечерва во емисијата „10 Минути“ на ТВ21 одговори на обвинувањата од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека во Арачиново има криминални групи со кои полицијата соработува.

-Надлежностите на локалната самоуправа се ограничени. Ние како локална власт немаме ингеренции, немаме ниту полициска станица, туку го имаме само регионалниот центар Гази Баба. Полицискиот командир ги нема овие податоци. Конечно, секоја општина има свои проблеми, во секоја општина има такви групи. Но, сепак ние сме заинтересирани да нема такви групи во нашата општина, ниту во другите општини, рече Ибрахими.

Тој уверува дека екипите на ЕВН нормално си ја продолжуваат работата и дека немаат никакви проблеми и закани од граѓаните на оваа општина.

Според него, енормното зголемување на потрошувачката на струја од оваа општина се должи на функционирањето на пумпите за вода.

-Екипите на ЕВН нормално продолжуваат со работа. Надминати се проблемите што ги имавме. Во однос на управувањето со електричната енергија и заштедата, во нашата општина, поради енормното зголемување на потрошувачката на електрична енергија, тоа е затоа што Арачиново почна да се снабдува со вода, откако пред една година немаше ниту една капка вода, изјави Ибрахими.