Надлежните велат дека трагедијата е дотолку поголема бидејќи граѓаните се приближиле до превртената цистерна во очајна потрага по гориво.

Спасувачите пронајдоа 61 тело на местото на несреќата што се случи во понеделникот вечерта, во градот на северот на Хаити, Кап-Хаитиан, а лекарот од главната болница на тој град изјавил дека уште 14 лица починале од изгореници и повреди.

– Ни треба максимална помош што можеме да ја добиеме. Болницата не е навикната да има толку многу повредени – изјави директорот на болницата Жан Гарсија Сок, пренесе Ројтерс.

Од експлозијата на цистерната се разнеле фасадите на неколку околни куќи и продавници, а уништени се и околните автомобили и мотоцикли на улицата.

Очевидец за Ројтерс изјавил дека цистерната се превртела откако возачот се обидел да избегне судар со мотоциклист.