Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека последните четири случаи на заразени со индискиот сој се денеска потврдени во лабораторијата во МАНУ.

-Имаат патувано во странство. Тоа се две двојки и нема епидемиолошки ризик. Сега епидемиолозите ја вршат таа работа која ја вршеа на почетокот, индивидуални контакти, изолација итн – вели Филипче.

Тој посочи дека околу 400 илјади граѓани се веќе вакцинирани од кои 240.000 се ревакцинирани, а до крајот на оваа недела ќе заврши и вакцинирањето на сите 60.000 пријавени кои добиле термин заедно со граѓаните кои се вакцинирани во Србија.

-За неколку месеци на крајот на годината може ќе се појави нов сој кој исто така можеби побрзо ќе се шири од овој. Битно е луѓето да се вакцинираат. Очекувањата се дека ако е поконтагиозна како сој варијантата дека таа ќе стане доминатна. До колку сме вакцинирани во висок процент и има одреден степен со вакцинален колективен имунитет колку и да е позаразен нема да се повтори претходната слика со британскиот сој и тој силен бран. Логично е да се очекува новиот сој побрзо да се шири и тоа е карактеристика на РНК вирусите. Тие кога ќе најдат на некаква препрека мутираат и продолжуваат да се шират. Затоа е тој концепт една од опциите дека можеби ќе премине во ендемска форма оваа болест ќе ја има и понатаму и вакцината е единствена што не штити – вели Филипче.