Хрватската полиција уапси девојка поврзана со инцидентот што се случил на 2 мај во центарот на Загреб, кога бил нападнат странски државјанин.

На социјалните мрежи деновиве се прошири видео од нападот, на кое се гледа како млада жена удира маж со раце и нозе. Според информациите на хрватските медиуми, станува збор за Филипинец кој престојувал во Загреб како турист.

Девојката, неофицијално, го обвинила младиот човек дека се обидел да ѝ ја украде чантата, по што, наместо да повика полиција, решила сама да се пресмета со него. Никој од сведоците и минувачите не се обидел да ја спречи додека го тепала странскиот државјанин.

Полицијата соопшти дека девојката е уапсена и дека е во тек кривична истрага. Засега не се објавуваат повеќе детали поради постапката.

Хрватските медиуми наведуваат дека, покрај можноста за кривично дело, во случајот може да станува збор и за прекршување на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, кој санкционира тепачки, викање и други форми на нарушување на редот на јавно место.

Според Кривичниот законик, постои можност и за кривично дело насилничко однесување, за кое е предвидена затворска казна до три години.