Европската комисија даде зелено светло за последните барања за исплата од Фондот за закрепнување во висина од 11,32 милијарди евра. Со оваа одлука се потврдува дека земјата ги исполни сите 376 преземени обврски и реформски цели предвидени во националниот план.

Со реализацијата на овие завршни транши, земјата целосно повлекува 100 отсто од предвидените финансиски средства во вредност од 35,95 милијарди евра, без да се изгуби ниту едно евро од фондовите. Информацијата преку социјалните мрежи ја соопшти премиерот Кирјакос Мицотакис.

Во изминатиот петгодишен период беа исполнети сите поставени критериуми за искористување на буџетот од Фондот за закрепнување и отпорност. Според податоците на Министерството за национална економија и финансии, успешно биле реализирани вкупно 176 конкретни реформи и инвестициски зафати, паралелно со 376 реформски обврски.

Мицотакис посочи дека станува збор за крупен институционален успех за државата. Тој потсети дека институциите мораа да управуваат со една од најобемните развојни програми во Европската Унија во однос на бројот на населението и обемот на бруто-домашниот производ.

На почетокот на процесот постоеше дилема дали администрацијата ќе успее да ги спроведе сложените реформи и да направи видливи промени за исклучително кус временски рок. Сепак, показателите покажуваат значителен исчекор во повеќе клучни сегменти од општеството и стопанството.

„Да видиме каде сме денес. Во дигиталните услуги што државата им ги обезбедува на граѓаните во земјата, го надминавме европскиот просек. Од нето-увозник на електрична енергија, Грција стана нето-извозник, со значителен придонес на инвестициите во обновливи извори на енергија. Го ограничивме даночното затајување и значително го намаливме јазот во ДДВ. Процесот на изработка на катастарот го доведовме до завршна фаза, со децении нерешено прашање. Невработеноста се намали на историски ниско ниво, а јавните и приватните инвестиции, од околу 11 отсто од БДП во 2019 година, се проценува дека годинава ќе достигнат речиси 19 проценти, значително намалувајќи го заостанувањето зад европскиот просек“, напиша Мицотакис.