Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, буџетите и буџетските корисници имаат обврска годишните завршни сметки да ги достават до Регистарот на завршните сметки при Централниот регистар и до Државниот завод за ревизија до крајот на месецов и да ги објават на својата веб страница во рок од 15 дена од денот на доставување на завршните сметки.
-Буџетите и буџетските корисници се должни да ја достават завршната сметка, односно основните финансиски извештаи кои содржат биланс на состојбата, биланс на приходите и расходите, образложенија за финансиските извештаи кои опфаќаат сметководствени политики и објаснувачки информации за финансиските извештаи, потсетуваат од Државниот завод за ревизија.
Сметководствените политики, додаваат, потребно е да содржат специфични принципи, основи, правила или практики со кои се презентираат информации за основите за мерење користени при подготовка на финансиските извештаи и специфични сметководствени политики кои се избрани/усвоени и применети од страна на субјектот за значајни трансакции и настани.
-Објаснувачките информации вклучуваат описи или подетални табели или анализи на износите прикажани во финансиските извештаи, како и дополнителни информации и се презентираат на систематски начин. Секоја ставка во рамките на билансот на состојба, билансот на приходи и расходи, извештајот за промени во главнината треба да биде поврзана со соодветна информација во објаснувачките информации, велат од Државниот завод за ревизија.
Нагласуваат дека сметководствените политики и објаснувачките информации се одговорност на раководството на субјектот кој е предмет на ревизија и потсетуваат дека имаат обврска да ги достават до Државниот завод за ревизија заедно со основните финансиски извештаи.