Меѓутоа, според дописникот на МИА од Софија, меѓу двете партии остануваат некои разлики. Националниот совет на Бугарската социјалистичка партија утре ќе разговара за преговорите и, доколку добие мандат, разговорите ќе продолжат. Нинова коментира дека меѓу нив има повеќе заеднички работи отколку разлики.
Лидерката на БСП коментираше дека тие се против приватизацијата на Бугарската државна банка за развој и дека се против давањето концесија за автопатите во Бугарија и се за зголемување на пензиите. Таа појасни дека БСП сака ова да се случи сега, додека „Има таков народ“ сака тоа да го сторат следната година.
Лидерката на БСП коментираше и дека има три теми за кои треба да се разговара, вклучително и Република Северна Македонија и Истанбулската конвенција, но дека до нив не стигнал редот за размена на ставови.
Двете партии изразија блиски ставови во врска со реформите во судството, што бара промена на Уставот и време тоа да се направи. БСП, исто така, побарала нов закон за Комисијата за конфискација на нелегално стекнат имот.