Бугарското Министерство за надворешни работи го повика украинскиот амбасадор по денешниот инцидент со воен дрон што се урна на бугарска територија, во близина на границата со Романија. Според прелиминарните информации од бугарските институции, леталото најверојатно било од типот „Маја“, дрон што, според локалните медиуми, широко го користи украинската војска.
Од бугарското Министерство за одбрана соопштиле дека првичниот преглед на остатоците укажува на тоа дека станува збор за дрон од овој тип, но конечната идентификација сè уште не е завршена. Леталото паднало на околу еден километар од компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод.
Бугарскиот премиер Румен Радев изјави дека дронот влегол во бугарскиот воздушен простор од правец на Романија и експлодирал околу 100 метри во внатрешноста на бугарската територија, во близина на поранешниот граничен премин Кардам.
Според Радев, инцидентот се случил околу 8:10 часот, а дронот паднал во поле со сончоглед. По настанот заседавал и Советот за безбедност на бугарската влада, а надлежните продолжуваат со анализата на остатоците и околностите под кои леталото влегло во воздушниот простор на Бугарија.
