Дарувани над 500 единици крв во Бугарија

Во само два дена, повеќе од 500 граѓани во Бугарија дарувале крв за повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

На повикот на здравствените власти и Црвениот крст во Бугарија, дека е потребна крв за пациентите кои беа транспортирани од Македонија, се одзвале голем број хумани граѓани од различни возрасни групи.

Крв се дарува во:

Универзитетската болница за активно лекување и итна медицина УМБАЛСП „Н.И. Пирогов“.
Националниот центар за трансфузиона хематологија.

Професорот Ѓорги Малчев: “Сите сме луѓе, имаме должност да помогнеме”

Меѓу оние кои вчера даруваа крв беше и Ѓорги Малчев, професор и блогер, кој повеќепати повика што повеќе граѓани да бидат хумани и да даруваат крв.

„Сите сме луѓе и како луѓе имаме должност да подадеме рака и да помогнеме кога гледаме дека нечии живот зависи од тоа“, изјави Малчев.

Хуманитарни акции и финансиска помош

Освен дарувањето крв, во Бугарија се организираат и други акции за помош на повредените кои се лекуваат таму, како и за сите настрадани во трагедијата.

Граѓаните самоиницијативно собираат парични средства, а според Малчев, веќе е собрана значителна сума за помош.

„Ова е уште еден доказ дека треба да престанат поделбите и да се градат мостови на пријателство и хуманост. Треба да си помагаме како соседи и пријатели“, порача Малчев.

Хуманитарните акции продолжуваат

Дарувањето крв во Бугарија ќе трае до крајот на оваа недела. Истовремено продолжуваат и другите хуманитарни активности за помош на настраданите во Кочани.

Оваа трагедија уште еднаш покажа дека солидарноста и хуманоста немаат граници.

Извор: Сител