Бугарската партија Сојуз на демократските сили (СДС) изрази поддршка за Ива Михаилова и нејзиното заминување во Бугарија. Во партиското соопштение, СДС го оцени нејзиното пристигнување во земјата како радосна вест и порача дека здравјето и животот на младата жена се поважни од расправите за тоа дали границата ја преминала законски.
„Категорично застануваме зад Бугарката Ива Михајлова и нејзиното право да добие вистинска здравствена грижа и лекување во нашата земја.
Веста дека успеала да ја премине границата и да дојде во Бугарија, и покрај обидите на власта во РСМ тоа да не го дозволи, е исклучително радосна.Сите дискусии за тоа дали влегла законски или незаконски се беспредметни кога станува збор за здравјето и животот на оваа млада девојка“, се вели во соопштението на партијата.
Од СДС наведуваат дека не веруваат оти Михаилова во Македонија би добила праведно судење и хуман третман. Партијата ѝ ја честитала храброста да преземе таков ризичен чекор.
Ива Михајлова е обвинета за предизвикување тешка сообраќајна несреќа со смртни последици на патниот правец Кочани–Штип. Таа ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија, иако имала изречени мерки на претпазливост со кои ѝ било забрането да ја напушта земјата.
