Според извештај на Бугарската народна банка, добивката на банкарскиот систем во земјата, заклучно со 30 септември, достигна 1,1 милијарда лева (550 милиони евра), што е 55,6 отсто или 390 милиони лева (190 милиони евра) повеќе во однос на првите девет месеци од 2020 година.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, од почетокот на 2021 година има зголемување на добивката на бугарските банки, додека во 2020 година има пад на нивните финансиски резултати. Причината е послабата економска активност во вонредната состојба поради Ковид-19.

Сопствениот капитал на банките во билансот на банкарскиот систем во Бугарија во третиот квартал од 2021 година се зголеми за 247 милиони лева (123,5 милиони евра) или (1,5 отсто) на 16,3 милијарди лева (8,1 милијарди евра) со придонесот на зголемената добивка во периодот.

Бугарската народна банка (БНБ) проценува дека средствата на банкарскиот систем на земјата изнесуваат 132,7 милијарди лева (65,3 милијарди евра), што претставува зголемување за 4,2 милијарди лева (2,1 милијарди евра) во споредба со крајот на јуни или (3,3 отсто).

Во документот е забележан раст на банкарските депозити во Бугарија. Во трите месеци од јули до септември тие се зголемија за 3,9 милијарди лева (1.890 милијарди евра) на 113,3 милијарди лева (57 милијарди евра). Зголемувањето доаѓа главно од заштедите направени од нефинансиските компании со 2,4 милијарди лева (1,2 милијарди евра) и домаќинствата 665 милиони лева (332 милиони евра), пресмета БНБ.

Истовремено, документот забележа намалување на износот на нефункционалните кредити во Бугарија на крајот на септември на 5,399 милијарди лева (2,699 милијарди евра), што е помалку од јуни кога тие изнесуваа 5,513 милијарди лева ( 2,765 милијарди евра).