Лидерите на 27-те земји-членки на Европската Унија денеска се собираат во Брисел во обид да постигнат компромис за европските финансии. Во овој контекст, на 11 декември се очекува да се дознае дали другите земји-членки ќе ја следат препораката на Европската комисија за казнување на Бугарија, поради значително отстапување од препорачаните максимални нивоа на јавни расходи.
Во текот на изминатите 48 часа, претставниците на Европската комисија постојано нагласуваа дека одлуката е од чисто економска природа и оти зад неа нема политичка позадина. Европската комисија бара парична казна за Бугарија во износ до 25 милиони евра, а главна причина е непочитувањето на постапката за прекумерен буџетски дефицит.
Заедно со Унгарија, Бугарија се наоѓа во групата земји со слаби фискални показатели на европско тло. Сепак, бидејќи Унгарија не е членка на еврозоната, Бугарија останува единствената држава што се соочува со вакви конкретни санкции.
Институциите во Брисел укажуваат на значително отстапување кај нето-расходите за 2026 година, кои се проектирани на 10,7 проценти, што претставува сериозно надминување во споредба со препорачаната максимална стапка на раст од 4,2 проценти. Доколку земјите-членки не се согласуваат со изрекувањето на казната, потребно е мнозинство од нив да гласаат против предлогот, но прогнозите покажуваат дека тие најверојатно ќе ја прифатат препораката.
Според дипломатски извори од Брисел, ова претставува опомена и еден вид жолт картон за Софија пред евентуалниот црвен картон. Во случај земјата да не ги испочитува дадените препораки и да не го коригира својот висок дефицит, таа би можела да се соочи и со привремено замрзнување на средствата од европските фондови.
