Бугарската собраниската Комисија за надворешна политика усвои декларација за Македонија која ќе се достави на гласање на пленарна седница, а во која се изразува силна осуда поради „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“ и особено се осудува насилството врз Христијан Пендиков. Исто така, се осудуваат „лажните и манипулативни изјави за бугарското минато во јавниот и политичкиот простор на Република Македонија“ со оценка дека станува збор за намера заради изградба на чуства на омраза кон Бугарите и Бугарија.
Меѓу другото, со декларацијата се повикуваат македонските власти „да преземат сеопфатни, итни и ефективни мерки за борба против говорот на омраза и злосторствата од омраза во сите форми и манифестации против бугарските граѓани и граѓани со бугарски идентитет. Се изразува целосна подготвеност за обезбедување на каква било помош за постигнување на оваа цел, вклучително и заеднички со меѓународните партнери и институции“.
Исто така, се искажува загриженост од можноста со ескалација на антибугарската кампања во Македонија да се загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата.